Еден од клучните елементи за подобрување на енергетската ефикасност е препознавање на значајните примени на енергија и анализирање на потенцијалот за искористување на енергијата без да се намали квалитетот на крајниот производ. Базирано на принципот “направи повеќе со помалку”, покажано е дека со темелна причинска анализа и анализа на системската ефикасност, оптимизирањето на даден систем за компримиран воздух дава позитивен повратен ефект. Користа од преземањето превентивни и корективни дејства не опфаќа исклучиво само подобрување на севкупната ефикасност и продуктивност на системот, туку и им помага на претпријатијата да се справат со променливоста на цената на неизбежните енергетски трошоци.
Воздушните компресори се едни од најмалку забележливите потрошувачи на енергија во даден индустриски капацитет. Сепак, како и системите за пареа, примената на компримиран воздух е еден од најзначајните процеси во постројката и претставува значаен елемент на системот. Правилното управување со системот на компримиран воздух докажано води кон заштеда на значајно количество енергија, истовремено постигнувајќи подобар квалитет на производот и намалувајќи го времето на застој или испад. За оптимизација на овие системи, вообичаено се преземаат неколку стандардни чекори како што се проверки за истекувања, прилагодување на притисокот, модификација на системот во однос на компонентите, премин кон друг тип на систем на ладење или внесување на ладен воздух во воздушните компресори. Оптимизирањето на системите за компримиран воздух, вообичаено бара системски пристап т.е. не само фокусирање на одделните компоненти на системот, туку преглед на системот како целина. Базирано на начелата на стандардот ISO 50001, оваа оптимизација обезбедува можност за процена на системот за алтернативни решенија и ги идентификува можностите за нивна примена базирано на актуелните и идни оперативни услови и параметри, режимот на одржување, потребите на производствениот процес и потребниот квалитет на производот, економичноста, техничките и други гледишта.
Во 2018 и 2019 година, во Република Македонија беа одржани неколку обуки за оптимизирање на системите за компримиран воздух, во рамките на проектот “Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобрите расположливи практики и технологии во Македонија”, во соработка со UNIDO. Експертските обуки беа засновани на најновите информации, резултати, практики и познавања на искусни национални и меѓународни експерти. Обуките се состоеја од теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел дава можност, учесниците да се стекнат со продлабочени познавања за оперативниот режим на системите за компримиран воздух и да ги идентификуваат можностите за подобрување на неефикасностите. Практичниот дел им дава на учесниците можност да го применат стекнатото знаење во пракса во компаниите и производствените капацитети низ земјата.
Програмата на UNIDO за градење на капацитети за оптимизација на системи за компримиран воздух (анг. Compressed air system optimization (CASO)) и нивна примена се состои од три елементи: експертска обука, корисничка обука и работилница насочена кон снабдувачите на опрема.
CASO корисничката обука е насочена кон инженерите и останатиот персонал во индустриските капацитети, снабдувачите со опрема и е дизајнирана да ги обучи како да извршат процена на системите за компримиран воздух, да ги идентификуваат можностите за подобрување на перформансите и да постигнат заштеди на енергија/трошоци преку правилно работење и контрола, одржување на системот и соодветно искористување на компримираниот воздух.
CASO експертската обука е интензивна обука, спроведена од водечки меѓународни експерти за оптимизација на системи за компримиран воздух на национални експерти за енергетска ефикасност, даватели на услуги, снабдувачи со опрема и инженери во индустријата. Оваа обука дава подлабоки технички информации за процена на перформансите, идентификување на проблемите, како и подобрување на системите за компримиран воздух во индустријата. Обуката воведува основни начела за енергетски ефикасен дизајн на системите за компримиран воздух како и начин како плановите за подобрување на системите да бидат одобрени од менаџментот во компаниите. Националните експерти за енергетска ефикасност се обучуваат во училници, на работните места, водени од меѓународни CASO-експерти и опремени со експертиза, вештини и алатки (вкл. опрема за мерење) неопходни за обезбедување на следните услуги:
- Техничка помош на претпријатијата за процена на системите за компримиран воздух и идентификација, развој и спроведување на проектите за оптимизација;
- Спроведување на CASO корисничка обука и обука на инженери од индустрискиот сектор за процена и оптимизација на пумпни системи и системи за компримиран воздух.
CASO работилницата за снабдувачи со опрема е насочена кон локалните трговци, снабдувачи и производители со/на компресори и дополнителна опрема. Работилницата е замислена да ги воведе овие клучни играчи на пазарот на техники и услуги во областа на оптимизација на системите за компримиран воздух. Целите опфаќаат:
- Подготовка на производителите, продавачите и снабдувачите да учествуваат во пренесување на пораката на проектот на UNIDO за оптимизација на системите во индустријата до нивните индустриски корисници/купувачи;
- Помагање на производителите, продавачите и снабдувачите во идентификувањето на тоа што е потребно за реобликување на нивните пазарни понуди, за воведување или одразување на системски пристап во услугите.