“Како што покажуваат доказите од воведувањето на националните и меѓународните програми, мерките за оптимизација на системите може да постигнат просечна добивка во ефикасноста од 20 до 30 прoценти, со период на отплата помал од две години.”
Оптимизацијата на енергетските системи, согласно со стандардот ISO 50001, опфаќа систематски, холистички, мултидисциплинарен пристап со единствена цел- сведување на потрошувачката на енергија на минимум, постигнување на енергетски и трошковни заштеди, намалување на емисијата на стакленички гасови и јаглерод. Оптимизирањето на енергетските системи им помага на цели организации, институции и претпријатија (во јавниот и приватниот сектор) да ја подобрат нивната енергетска ефикасност и со тоа, да го зголемат профитот, сведат на минимум влијанието врз животната средина и да ја намалат нивната енергетска зависност. Ова им помага на претпријатијата да се справат со променливоста на цената на енергија, со што придонесува за нивна флексибилност и адаптабилност на променливите пазарни показатели.
Зошто воопшто да се оптимизира систем? Процесот на оптимизација на енергетските системи, сам по себе, им обезбедува на инженерите детално запознавање со системските показатели, овозможувајќи им да постигнат ефикасност, енергетски и трошковни заштеди, како и одржливост. Замената на компоненти на системот или замената на целиот систем во целина може да биде скапа, а и да има штетни ефекти врз животната средина, имајќи го предвид технолошкиот отпад што го произведува. Оттука, еден од фокусите во оптимизацијата на енергетските системи е насочен кон идентификувањето на можните подрачја за подобрување и можностите за заштеда на енергија преку едноставни промени во оперативниот режим или режимот на одржување, со цел постигнување на оптималното решение; или специфични прилагодувања на постоечката опрема т.е. воведување на мерки без- или со ниски трошоци за постигнување на значајно подобрување во енергетската изведба. Ова условува континуиран мониторинг на клучните оперативни параметри со цел да се определи дали системот работи на оптимален начин и кога е подложен на промена под влијание на надворешни околности. Дополнителна причина за редовно следење е да се определи кои мерки треба да се преземат кога не се постигнати критериумите.
Оптимизирањето на енергетските системи ни овозможува да извлечеме најмногу од нив. Во минатото, оптималниот дизајн, оптималниот оперативен режим и режимот на одржување или оптимизирањето на кој било процес во даден капацитет биле базирани на искуството на инженерите и персоналот. Отсуството на специфична рамка за спроведување на какви било измени во даден систем создава одредена празнина кога станува збор за обезбедување на лесно, ефикасно и ефективно работење на системот во рамки на одредени ограничувања. ISO 50001 ја дава рамката за подобрување, дава водичи, насоки за обезбедување на одржливост, меѓутоа, концептите и систематските процедури, како и потребата од нив, остануваат избор на компанијата.
Имајќи ја предвид комплексноста на континуираните процеси кои се одвиваат во дадена постројка, како и нивните специфични показатели, неопходноста од заштеда на енергија, намалување на влијанието врз животната средина и подобрувањето на сликата за компанијата, постојано расте. Во енергетски-интензивниот индустриски сектор како нашиот, подобрувањето на дизајнот, изведбата и ефикасноста на системот бара систематски пристап. Клучно е повеќе да се набљудува системот како целина отколку да се разгледуваат неговите компоненти одделно. Системот старее како што старее и постројката, станува помалку ефикасен и воглавно, неговото функционирање условува повисоки трошоци од претходно.
Индустријата е втор по големина потрошувач на енергија во Република Северна Македонија после потрошувачката во домаќинствата. Во 2014 година, индустријата достигнала и до 30% од крајната потрошувачка на енергија во Република Северна Македонија или 515.21 ktoe (трет NEEAP). Индустрискиот сектор генерира прибл. 28% од националниот БДП и опфаќа околу 30% од работната сила. Железото и челикот, стаклото и градежните материјали, храната и пијалоците опфаќаат 85% од потрошувачката на енергија.
Во минатите години се креирани некоку стратегии за ограничување на последиците од негативното влијание на индустрискиот развој врз животната средина, што довело до тоа енергетската ефикасност да се смета за една од трошковно-најефективните мерки за ублажување на климатските промени.
Се проценува дека, глобално, индустријата има потенцијал за подобрување на енергетската ефикасност за околу 20% со прифатливи трошоци, преку пошироко воведување на најдобрите расположливи практики и технологии за подобро управување со енергијата. Дополнително, според Нацрт-рамката за клима и енергија до 2030 година, треба да се има предвид целта- подобрување на енергетската ефикасност за најмалку 27%.
Базирано на искуства во индустрискиот сектор, покажано е дека даден систем може да не ги постигне предвидените резултати во однос на потрошувачката на енергија, доколку оперативниот режим и режимот на одржување не се добро прилагодени или доколку компонентите на самиот систем не се дизајнирани и не работат да обезбедат енергетски заштеди и базирано на нив, трошковни заштеди.
Фокусот на UNIDO кон оптимизацијата на системите во индустријата е најмногу базиран на горенаведените мерки без- или со ниски трошоци, со цел да понуди поинаков пристап од стандардниот кој е базиран на купување енергетски ефикасна опрема, а што во реалност е многу поскапо.
Во Република Северна Македонија, оптимизацијата на енергетските системи опфаќа две тематски подрачја – оптимизација на системи за пареа и системи на компримиран воздух. Пристапот кој го користи UNIDO, „обука на обучувачите“, има за цел да ги опреми локалните експерти за енергетска ефикасност во индустријата со експертиза, методологии и алатки неопходни за развој и спроведување на проекти и практики за оптимизација на енергетските системи. Програмата резултираше со 11 сертифицирани експерти за оптимизација на системите за пареа од јавниот сектор и државните претпријатија во Република Северна Македонија. Модулот за оптимизација на системите со компримиран воздух е сè уште во тек.