7. Идентификување на можности за подобрување (работен лист ER8 Листа на можности)

Потребно е да направите регистар (листа) на сите можности или идеи за заштеда на енергија. Важно е да се напомене дека овој регистар е жива база на податоци и тековно ќе се зголемува неговиот обем. Тоа е главната алатка за континуирано подобрување во рамките на СУЕ. Во оваа методологија се користи терминот Листа на енергетски можности и секоја идентификувана можност треба да ги содржи следните елементи:

  • Идентификациски број.
  • Краток опис. Описот треба да биде колку што е можно поконкретен и да опишува активност која треба да се преземе.
  • Ресурси кај кои е идентификувана можност, т.е. пареа, електрична енергија, управување, компримиран воздух, итн.
  • Потенцијални заштеди на енергија, пари, јаглеродни емисии и други придобивки.
  • Одговорно лице за комплетирање на активноста.
  • Статус на можноста, т.е. идејата, одобрена, откажана, одложена, во тек на спроведување, комплетирана, завршена.
  • Датуми; постојат одредени важни датуми во животниот циклус на секоја од можностите, вклучително идентификување, рок на остварување, остварување.
  • Метод за проверка на заштедата, т.е. како ќе знаете дека со можноста била остварена предвидената заштеда?

Листата може да стане доста сложена, но управувањето со неа е од централно значење за континуираното подобрување на вашиот СУЕ. Доколку регистарот се одржува електронски, тогаш потребно е да се внимава да се прават копии и да биде заштитен од несоодветно и неовластено уредување. Тоа исто така важи за сите други електронски документи кои се користат во СУЕ.

Сите идеи кои може реално да придонесат кон подобрувањето на енергетските перформанси треба да се додадат на листата на можности откако претходно бил направен иницијален преглед од страна на енергетскиот раководител. Идеите ќе произлегуваат од разни извори:

  • Енергетски контроли, проценки или дијагностика
  • Предлози од вработените и разгледување на успешни идеи во други фабрики
  • Учество на конференции, обуки, вмрежување, итн.
  • Инженери за продажба на опрема (но имајте предвид дека тие вообичаено не се непристрасни и независни)
  • Литература, весници, списанија, Прирачници за најдобри практики, веб страни, пребарувања, итн.