5. Спроведување на интерни проверки, неусогласености, корекции, корективни и превентивни мерки

5.1 Спроведување на интерни проверки

Целта на интерната проверка е да се провери дали системот за управување со енергија (СУЕ) функционира според замисленото.

Интерна проверка на СУЕ претставува независен, систематски преглед на дел или на целиот СУЕ на организацијата. Целта на проверката е да се утврди дали плановите, активностите и процедурите кои се опишани во системот се спроведуваат во согласност со стандардите на СУЕ, на пример:

  • Дали се постигнати очекуваните специфични цели?
  • Дали се следат плановите и контролите кои се воведени од организацијата?
  • Дали е реално да се очекува дека процедурите и плановите на организацијата ќе ги постигнат поставените цели на СУЕ?

Во вашиот процес на интерна проверка, потребно е да дадете опис на следното:

  • Распоредот за проверки на годишно ниво;
  • Како може да се врши почеста проверка на областите кои највеќе влијаат врз потрошувачката на енергија;
  • Вештините кои треба да ги поседуваат интерните проверувачи;
  • Како се одредуваат опсегот и целите на проверките;
  • Како се врши евиденција, известување и постапување по наодите од проверката;
  • Како се управува со потребните корективни мерки во текот на наредните проверки;
  • Како се потврдува дека се преземени потребните мерки за корекција на проблемите.

Процесот на интерни проверки може лесно да се интегрира со постапките за проверка на постоечките системи за управување.