Решение за верификација на институцијата за образование на возрасни за реализација на посебната програма Спроведувач на системи за управување со енергија (СУЕ)

Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ) – Северна Македонија, на 26 април 2021 год. се стекна со Решение за верификација на институцијата за образование на возрасни за реализација на посебната програма Спроведувач на системи за управување со енергија (СУЕ), издадено од Министерството за образование и наука на Р.С. Македонија. Програмата е втемелена врз методологијата на УНИДО за спроведување на системи за управување со енергија во согласност со ISO 50001:2018 меѓународниот стандард.

Со тоа се заокружува процедурата за верификација на програма за стручно образование на возрасни, која е главно наменета за обука на кандидати со следните квалификации:

  • Високо образование (електроинженери, машински инженери и слични дисциплини);
  • Тековно вработени или со намера да се вработат во индустрискиот/производниот сектор.

Иако програмата е главно насочена кон индустрискиот сектор, системите за управување со енергија според ISO 50001:2018 стандардот се применливи од страна на секоја организација која е заинтересирана систематски да управува со нејзината потрошувачка на енергија.

Верификуваната обука за образование за возрасни за Спроведувач на системи за управување со енергија (СУЕ) стреми кон интегрирање на иновативни методи за учење и поучување, со што:

  • Ќе се креираат идни практичари од областа на енергетската ефикасност оспособени за спроведување на системи за управување со енергија според ISO 50001 стандардот во колективите од различни економски сектори;
  • Ќе се прошири пазарот на услуги за енергетска ефикасност во Р. С Македонија преку воведување на најдобрите меѓународни практики, вештини и технологии од областа на управувањето со енергија, како во индустријата, така и во јавниот сектор.

Преку оваа обука, на сите индустриски комании (мали, средни и големи), како и на јавните и комерцијални корисници на енергија, ќе им се помогне да изградат човечки ресурси оспособени за континуирано подобрување на енергетските перформанси на нивната организација

Успешното спроведување на ефективен систем за управување со енергија (во согласност со ISO 50001), апсолутно зависи од посветеноста на врвното раководство, но покрај тоа, и од знаењето и вештините на вработените и нивната способност за управување со процесите кои гарантираат промени во насока на намалување на трошоците за енергија, но носејќи и бројни неенергетски придобивки, како подобрени практики за одржување, помалку застои на фабричката опрема, зголемена безбедност на работното место и намалени емисии на стакленички гасови.

Преку оваа обука, дополнително ќе се придонесе и за исполнување на дел од мерките утврдени со Националниот акционен план за енергетска ефикасност (НЕЕАП) на Северна Македонија, каде управувањето со енергијата е идентификувана мерка за заштеда на енергија во јавниот, комерцијалниот и индустрискиот сектор.